loading...

Лековит мевлем за изгореници, рани, убоди: овој таен рецепт го наследив од баба ми, но јас сепак го споделувам со вас

Овој рецепт го правеше мојата покојна баба за своите деца, за мајка ми и вујко ми, за нас внуците додека бевме мали, но и кога пораснавме.

Беше задолжителен дел од мојот козметички несесер, па дури знаеше и во празното лабело да ми излее од оваа маст и секогаш имав најдобро лабело.

За жал, баба ми повеќе не е меѓу нас, веќе две години, ниту дедо ми, а јас останав, како што сите велат, нејзина наследничка.

Отсекогаш сакав да ја гледам како оди на село да бере разни тревки за чаеви, мевлеми и останати работи.

Одев со неа и впивав се’, па еве после 2 години од смртта на мојата баба јас ја продолжувам традицијата на мојата фамилија.

Овој мевлем го користам буквално за се’, за масажа на стапалата (ги омекнува петите и ја прави кожата мазна и мека), општо со неа се масираме кога сме болни или за релаксација, на син ми му го мачкам лицето, а кога беше бебе целиот го мачкав со оваа маст.

Пријателките најмногу ми го бараат како крем за дланки зошто кожата ја прави многу убава, но се става и на ранички, па дури и на убоди од комарци. Јас секогаш си го имам во чанта и каде и патуваме го имам со мене.

Потребни состојки:

100 г пчелин восок

20 г вазелин

1-2 раце мешавина од следните билки:

loading...

-лаванда

-кантарион цвет

-мента

-невен цвет

-бозел

-камилица

-коприва

-рузмарин

-жалфија

-маточина

*суви билки можете да купете од Билна аптека, но јас секогаш практикувам колку можам да користам свежи билки. Не ги мерам, од секоја билка ставам по малку.

Постапка:

Пчелиниот восок е доста густ, па затоа го мешам со 20 г вазелин. Свежо набраните тревки не ги мијам, зошто ги берам од места кадешто воздухот е 100% чист (од планина) и нема потреба.

Во чист огноотпорен сад ставам околу 100 г пчелин восок и 20 г вазелин, па ставам на пареа да се растопи. Во растопениот восок ги ставам сите тревки кои ги набројав, полека мешам околу една минута, па го тргам од пареа.

Пчелиниот восок и вазелинот не смеат да зовријат, па затоа се растопуваат на многу тивко.

Вака го оставам 24 часа за да можат билките да ги пуштат своите сокови во восокот, па следниот ден повторно ставам на пареа да се врати во течна состојба. Го цедам низ газа и го складирам во мали кутивчиња.

Посебен мирис некој нема.

loading...