Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар.

Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник и затоа тогаш не се работи.

Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов.

Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки.

На Благовец треба и да се зајаде првиот мед во таа година. А, и садењето тикви требало да започне на Благовец, за да бидат многу благи.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.

Спроти празникот се мете и се чисти, а сметот се гори, за да изгори сето насобрано зло.

Некаде ги пуштаат и птиците да не се затворени на овој ден, па дури и оние од кафезите.

Се мисли дека на Благовец ни птиците не работат во правењето гнезда, па дури и не мавтаат со крилјата додека се застанати, туку само во лет. Кукавицата првпат кука, а мечките се будат од сон.

Жените не фаќаат игли и конци, на денот да не шијат, да не предат и да не плетат, дури ни косата, за да не ги каснат змии.

А може да си заврзат некое конче за да не ги фаќаат очи и уроци. Добро е да си ставиш пара в џеб или да броиш пари на тој ден, за да имаш цела година…

Препорачливо, пак, е на Благовец да се сади цвеќе, бидејќи тоа ќе биде особено миризливо и убаво.

Тогаш се засадуваат и леите со расад, за да бидат зеленчуците благи (слатки) и здравоносни.

На тој ден е добро да се посади и плодно дрво, зашто плодовете ќе му бидат благи. А пчеларите првпат ги отвораат пчелите за да собираат мед.

Некои, на Благовец, првпат каснуваат коприва, спанаќ и новите зеленчуци. Девојчињата тогаш првпат замесувале пита и ја мачкале со мед, па им давале и на момчињата од нивната возраст блага пита. На тој ден и самовилите играат оро…

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките.

Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки.

Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и’ даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Денес, бакнете ја мајка ви!

На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

На овој ден, девет месеци пред Божиќ, на света Дева Марија и се јавил архангелот Гавриил и и ја кажал радосната вест – благовестието: дека таа ќе Го роди Спасителот на светот, ќе Го роди Бога во тело.

Таа блага вест е светото Благовестие дека таа Го примила во своето пречисто тело, телото на Бога Кој се воплотил – зачнал во нејзината утроба.

Оттогаш таа постанува Богомајка.