Сигурно од многумина сте слушнале дека никогаш не треба да наздравувате со чаша вода. Иако ова ви се чини малку глупаво или како уште една причина за да ве убедат да пиете алкохол, зад него всушност се крие древно и нималку наивно верување.

Коренот на овој обичај се наоѓа во Антиката. Имено, старите Грци верувале дека кога човекот ќе умре, неговата душа заминува во подземниот свет – Хад. Таму се наоѓала тажна рамнина обрасната со бледо диво цвеќе. По таа рамница течеле пет реки: ледениот Стикс – река на омразата, Ахерон – река на болката, Кокитус – река на јадовите, Флегетон – река на оганот и Лета – река на заборавот.

Кога душата на покојникот ќе дојде во Хад, пие од водата на Лета за да го заборави минатото и маките од претходниот живот.

Оние кои веруваат во реинкарнација, всушност веруваат дека душите пијат од водата на оваа река за да го заборават минатиот живот и на тој начин да бидат подготвени за новиот.

Токму тука, се верува дека лежи коренот на обичајот, никогаш да не се наздравува со чаша вода. Бидејќи на тој начин, оној кој го прави тоа, ќе го снајде преран заборав и судбина полоша од смртта, односно ќе заболи од деменција.