Велигденското фарбање на јајца секоја година ги поместува границите на креативноста. Доколку сте заговорник на традиционалното фарбање јајца исклучиво во црвена боја и во лушпи од кромид, тогаш овие нови идеи нема да ви бидат интересни.

Но, факт е дека некои јајца се фарбаат и украсуваат само поради декоративноста, без намера да се изедат потоа. Ако и вие сакате да направите неколку јајца кои ќе бидат само декоративни, тогаш пробајте ја оваа т.н. мраморна техника за фарбање јајца.

Веднаш да напоменеме дека јајцата офарбани на овој начин – не служат за јадење! Не се јада, туку служат исклучиво за украс. Со оваа техника можете да офарбате неколку јајца или за подарок.

Потребен материјал:

-пластична чаша

-варено јајце

-лак за нокти, во разни бои

-салветки

-ацетон / отстранувач на лак

-гумени ракавици и салветки

Постапка:

Во пластичната чаша ставете вода. На површината од водата ставете по неколку капки лак за нокти во саканите нијанси.  Со помош на чепкалка лесно по површината измешајте ги боите, така да добиете интересна шара.

Претходно свареното јајце, лесно провлечете го низ водата, така што површинскиот слој од лакот за нокти ќе остане залепен за јајцето.

Доколку од првпат не успеете да ја покриете целата површина на јајцето, оставете да се исуши, па процесот повторете го на делот кој останал неофарбан.

После овој зафат прстите ќе ви останат замачкани, па затоа е најдобро да носите гумени ракавици. Сепак, доколку немате, ќе ви биде потребен ацетон за да го исчистите вишокот од вашите прсти. Јајцето оставете го да се исуши и крајниот резултат ќе биде: прекрасно украсено јајце со мраморна техника.