Ѓумбирот малку по малку го доби своето место и во модерната фитотерапија првенствено како билка за лекување на желудникот, бидејќи одлично спасува од мачнини и воспалителни состојби на дигестивниот систем (заедно со куркумата, која интересно, исто така, потекнува од истата фамилија, Zingiberaceae).

Традиционално, ајувердската фитотерапија го користи ѓумбирот против воспалителни состојби на зглобовите, артритис, дигестивни пречки и опастипација, слаба циркулација, мигрени, менструални тегоби и срцеви заболувања.

Според ајурведата тоа е зимска билка која загрева, го јакне имунитетот, делува антивирусно, антивоспалително и ја подига енергијата на целото тело. Се споменува и како афридизијак, поради сите овие негови својства.

Ѓумбирот е богат со етерични масла кои му ја даваат онаа фина лута, лимонова арома, а неговата активна состојка е 6-ѓинѓерол.

Може да се користи како зачин, додаток на јадењата (пробајте да изрендате мало парче ѓумбир во пилешка супа додека се готви), од него се приготвува убав чај, одличен додаток во природната козметика како моќен антиоксидант.

Ананасот изобилува со витамин Ц и манган (неопходен за синтеза на колаген), а неговата тајна состојка е бромелаин, протеолитички ензим кој помага во разградбата на протеините и делува противвоспалително. Токму поради овој ензим ананасот стана толку популарен, особено како “овошјето од кое се слабее”.

Сокот од свеж ананас се користи како маринада за тврдо и жилаво месо, со истата логика, односно за побрзо разградување на протеините.

Потребни состојки:

1 поголемо парче корен од ѓумбир, околу 200 г

1 ананас

3-4 портокали

1 лимон

3-4 лажици мед

3 литри вода

Постапка:

Ѓумбирот добро исперете го и исечкајте го на ливчиња. Ставете го во блендер и прелијте го со половина литар вода и избендирајте го додека целосно да се сомеле. Процедете го низ цедалка. Постапката повторете ја уште двапати со остатокот од гумбирот што ви останал од цедењето.

Ананасот убаво излупете го, извадете ја срцевината, исечете го на коцки и ставете го во блендер со преостанатата вода и медот. Изблендирајте и додадете го сокот од ѓумбир.

Можете и ова да го процедите доколку сакате, но не мора. Во овој сок додадете уште исцеден сок од портокал и лимон. Евентуално може да го коригирате вкусот со додавање на уште малку мед. Сокот се чува во фрижидер, а се пие на гладно, малку отстојан на собна температура, да не е директно студен од фрижидер!