Фото и рецепт: Марија

Зошто се нарекуваат Бела лаѓа, не знам, така ги препишав од тефтерот на домаќинката на чија слава бев и кај која ги пробав овие колачиња. Сите на масата бевме воодушевени и веднаш го побаравме рецептот.

Потребни состојки х2:

5 белки
150 г шеќер
150 г сечкани ореви
1 лист обланда
Ова се состојки за една кора, а потребно е да се направат две.

За фил:

10 жолчки
200 г шеќер
250 г маргарин/путер
2 ванилин шеќер
малку сечкани ореви за наросување одозгора.

Постапка:

Прво оревите кратко испечете ги во рерна, во тепсија обложена со алу-фолија, само колку да се потсушат. Потоа оставете ги да изладат, па исечкајте ги или крупно сомелете ги.

Белките изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека шеќерот целосно да се растопи. На крај со лажица додадете ги оревите и внимателно промешајте, да останат белките воздушести.

Со оваа смеса премачкајте го листот обланда одшупливата страна. Ставете да се пече во загреана рерна на 150 степени околу 20-25 минути.

Ова истото треба да се повтори уште еднаш, односно потребни се две вакви кори.

За фил: изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер. Сварете го филот на пареа, па кога ќе излади соединете го со изматениот путер.

Се филува: кора-фил-кора-фил, па одозгора се наросува со сечкани ореви и малку се натапкува со раката. Се изладува и се сече на штангли.

Coolinarika.com