За сите љубители на кремасти колачи, ова е најдобриот рецепт за кремпита.

Потребни состојки:

7 жолчки
7 лажици шеќер
7 лажици млеко
7 лажици масло
7 лажици брашно
на врв од нож прашок за печиво

за крем:

4 пудинг од ванила
1 литар вода
300 г шеќер
7 белки
1-2 лажици шеќер

за украсување:

200 г шлаг
350 мл млеко
рендано чоколадо

Постапка:

Пенасто изматете ги жолчките со шеќерот, па со лажица додадете ги останатите состојки, промешајте да се изедначи и смесата излејте ја во намастен долгнавест плех. Димензиите на плехот се 22х33 см со длабочина од 4,5см. Кората печете ја на тивко (180 степени) во претходно загреана рерна околу 10-тина минути, но внимавајте да остане жолта.

Од еден литар вода одземете малку и растворете 4 пудинзи, а остатокот од водата заедно со 300 г шеќер ставете да проврие во подлабок сад, па сварете го пудингот со постојано мешање додека да згусне. Садот мора да биде длабок зошто тука ќе се додадат и белките, па се добива голема количина на крем.

Тргнете го пудингот од оган и веднаш додека е врел додадете го претходно изматениот снег од белки во кој сте додале 1-2 лажици шеќер. Нежно соединете ги со жица за да се соединат.

Немојте да мешате пребрзо и пресилно, треба да остане воздушесто. Може да ги соединете и со миксер, некогаш така правам па излегува пак супер. Вие правете како ви е полесно.

Додека е врел кремот разлејте го врз врелата кора и израмнете со шпатула. Оставете да излади и да се стегне, па потоа премачкајте го со изматен шлаг, или исечете коцки па потоа украсете со шлаг и рендано чоколадо. Оставете во фрижидер добро да се излади пред послужување.

Колачот се приготвува многу брзо, бидејќи се’ се прави додека кората и кремата се врели. Еве го точно редоследот по кој јас го приготвувам овој колач:

-прво ги мерам сите состојки и ги подготвувам
-ја вклучувам рерната и додека таа се загрева ја матам кората и ја излевам во плех
-ја вклучувам ринглата за пудинг и додека водата да проврие, ги матам белките
-во меѓувреме ја ставам кората да се пече, а за тоа време го варам пудингот
-ја вадам кората, го соединувам пудингот со белките и веднаш го излевам кремот на топлата кора.
-И тоа е тоа, многу едноставно!