Фото и рецепт: Елена Мишковска

Крофнички со павлака, послатки крофнички не сте јаделе, пробајте и ќе се уверите. Без квасец, брзо се замесуваат, не киснат, за час се готови!.

Потребни состојки:

3 јајца
6 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
300 г кисела павлака
75 г растопен путер
брашно по потреба (околу 600 г, зависи при месењето сами ќе оцените)
1 прашок за печење

Постапка:

Се матат 3 јајца со 6 лажици шеќер и 1 ванилин шеќер, се додава 300 г кисела павлака и 75 г растопен путер.

Се меша додека се изедначи, па се додава брашно со 1 прашок за печиво (не го мерев брашното, додавав додека замесив помеко тесто, мазно кое не лепи на раце). Тестото се остава да отстои десеттина минути, па се развлекува кора и со чаша и капаче се вадат прстени (воланчиња) и топчиња кои остануваат во средината.

Во подлабоко тенџере ставаме масло да се загрее на средна температура, па ги спуштаме крофничките превртени со горната страна во маслото. Се пржат од двете страни и со решеткаста црпалка се вадат и редат на хартиена салветка за да се впие вишокот од маслото.

Кога ќе бидат подизладени, се прелеваат со растопено чоколадо во кое сме додале 2-3 лажици млеко и мала коцка путер.

Испржените топчиња ги наредив врз прстените за да не ми фаќаат место, со што добив интересен облик и пресек на крофничките. Неколку ги полеав со мармалад од кајсии помешан со растопен путер.

Брзи крофни (Фото и рецепт: Елена Мишковска)
Македонска кујна, некогаш и денес