ЗА ИСХРАНАТА СО СИРОВИ НАМИРНИЦИ

Прво малку вовед:

Според Светската здравствена организација, 63% од сите смртни случаи во 2008 година во светот се должат на незаразните хронични болести (малигни неоплазми, кардиоваскуларни болести, дебелина и дијабетес тип 2). Кај сите нив, главен ризик-фактор е лошата исхрана.

Во регионите во светот кај што исхраната повеќе се темели на растителни извори, стапките на појава за овие болести се значајно пониски, во споредба со регионите каде што исхраната повеќе се базира на анимални извори.

Хипократ, познат како „татко на медицината“, рекол: „Храната нека биде твојот лек и лекот да биде твојата храна.“

Бројни научни студии во текот на последните неколку декади јасно покажале дека луѓето чијашто исхрана вклучува поголем внес на растителни намирници имаат помал ризик за хронични болести.

Зошто?

Затоа што растенијата содржат биоактивни соединенија кои играат важна улога во контролата на генетските и биолошките фактори кои придонесуваат за развој на хронични болести.

Понатаму, растителните намирници се богати со антиоксиданси. Антиоксидансите ги отстрануваат слободните радикали кои ги оштетуваат клетките и предизвикуваат хронично воспаление или рак. Листата на намирници кои може да го превенираат ракот и други хронични болести е долг и тука спаѓа, на пример, циметот, лукот, зелената салата (марулата), рузмаринот, тиквата, маслинките, леќата, црниот пипер, артичоките и многу други.

Значи, колку повеќе во дневниот оброк имаме растителна храна, толку ни е понизок ризикот за здобивање на некоја хронична болест или рак.

Исто така, неспорно е дека колку помалку термички храната се обработува, толку повеќе хранливи состојки остануваат во неа.

Секако, тука треба да се води сметка за некои факти:

– Некои драгоцени нутриенти, (како ликопенот, на пример, кој го има, пред сѐ, во доматите), воопшто не се ослободуваат без термичка обработка;

– Житарката хељда е токсична ако е сирова. Содржи ‘fagopyrin’ кој предизвикува фотосензитивност и други проблеми со кожата.

– Гравот содржи соединение phytohaemagglutinin, кој е токсичен/

– Сировите јајца содржат аvadin (се инактивира со термичка обработка) е инхибитор на витаминот Б7. Покрај тоа, во некои јајца се присутни бактериите салмонели.

– Сировиот грашок може да предизвика невролошка слабост на нозете (латиризам).

– Семките од кајсии содржат цијанид.

– Пашканатот содржи furanocoumarin, служи како одбрана против грабливци и е токсичен.

– Сировото месо може да содржи штетни бактерии, паразити и вируси

– Сировото млеко може да содржи бактерии Mycobacteria bovis, кои предизвикуваат вон-белодробна туберкулоза.

Што станува пак со т.н. стриктна веганска исхрана, која не дозволува внес на било која животинска храна?

Една статија објавена во списанието Јournal of Nutrition, во изданието од октомври 2005 година ( http://jn.nutrition.org/content/135/10/2372.full.pdf+html ) истакна една германска студија која собрала податоци за субјектите чии диети се состоеле од најмалку 70 проценти сирова храна – првенствено овошје и зеленчук.

Истражувачите сакале да ги испитаат ефектите врз здравјето на срцето. Тие откриле дека оваа диета имала позитивен ефект врз нивото на “лошиот” холестерол и триглицериди, но го покачила нивото на хомоцистеин – еден вид амино киселина за која се верува дека го зголемува ризикот од срцеви болести – и го намалила нивото на “добриот “холестерол кој го штити срцето.

Статијата исто така, истакнала една т.н. мета-анализа на студии која нашла дека веганската исхрана – примарниот тип на исхрана со сирова храна – ја зголемила стапката на смртност од срцеви болести, во споредба со вегетаријанска исхрана која вклучувала млечни производи и јајца.

Да спомнеме и дека на стриктните вегани секогаш им се јавува дефицит на витамин Б12 и фолна киселина и тие, исто така, се повеќе склони кон остеопороза.

Значи, вистината за постигнување на добро здравје преку исхраната не е во исклучивоста, туку во флексибилноста, разнообразноста и умереноста во изборот на храната.

Проф. Д-р Драган Даниловски