Здраво НМД, сакав со вас да споделам еден рецепт кој го најдов на руски сајт, го испробав и морам да ви кажам дека е одличен!

Многу е вкусен, но она што е најважно, не содржи разни штетни хемикалии кои обично се додаваат во ваквите производи и оттогаш постојано го правам за домашна употреба и особено за слави и други празнични пригоди кога ми е потребен мајонез за салати.

Многу одамна се обидов да направам домашен мајонез, но не ми успеа. Се обидов уште неколкупати но сите обиди завршуваа безуспешно. Овој уште кога го погледнав видеото, знаев дека е вистинскиот рецепт! Неверојатно е вкусен и неспоредливо мега брзо! Се приготвува навистина за неколку секунди!

И уште нешто, пред да ви го откријам мајонезот, сакам да ви кажам дека густината му е перфектна, испробано не ја менува формата два дена! Значи има неверојатна конзистенција, можете да украсувате со него, да правите најразлични фигури со него, а тие нема да се се отпуштат цели два дена!

Потребни состојки:

1 јајце
¼ лажичка сол (или по вкус, но прво пробајте со помалку зошто лимонот го засилува солениот вкус)
½ лажичка шеќер (мора малку, го подобрува вкусот)
½ лажиче сенф (без сенф ќе добиете бел мајонез)
1 супена лажица лимонов сок (или оцет, ама поубаво е со лимон)
150-180 мл рафинирано масло од растително потекло (густината на мајонезот зависи од количината на мслото), ако ставите ладно цедено ќе биде горчливо малку – испробано!
*сите намирници треба да бидат на собна температура!!!

Постапка:

Во една стаклена тегличка ставете лимонов сок, сол и шеќер, промешајте.
Потоа додадете сенф и растително масло. Тука веќе не мешаме.
Нежно го кршиме јајцето и внимателно го истураме во маслото. Не смее да се растури жолчката!!!

Потоа земете рачен блендер и со него поклопете ја жолчката и спуштете го до дното на теглата. Дури тогаш вклучете го! Веднаш ќе забележите создавање на емулзија и за неколку секунди мајонезот ќе биде готов.

Значи, она што е важно да се запамти: блендерот не го вклучувајте додека не биде до дното, односно да ја потисне жолчката, и кога ќе забележите дека се создава мајонезот за неколку секунди, постепено и полека започнете да го дигате нагоре додека не се формира целиот мајонез. И толку! Многу лесно и едноставно добивате прекрасен мајонез!

Овој мајонез е без вештачки бои, без емулгатори, конзерванси и други хемикалии. Но, не заборавајте дека мајонезот е сепак висококалоричен, па не претерувајте со негова консумација.

Во продолжение имате и видео од рускиот сајт, ако сакате да ја погледнете целата постапка: