За сите што имаат можност и сакаат да си направат свој домашен сапун каков што го правеа нашите баби, еве еден добар рецепт. Има ладна постапка и топла постапка. А најдолу во текстот ќе ја прочитате и основната постапка за минимална доза, како што правеле нашите баби.

ЛАДНА ПОСТАПКА

Потребни состојки:

1,5 кг маст (од животинско потекло или растителен путер како на пример карито или манго путер или путер од авокадо, нешто слично)
460 г растително масло (маслиново, палмино)
700 мл вода (порано собирале дождовница)
270 г натриум хидроксид (база, каустична сода)

Постапка:

Во голем сад од отпорна пластика или нерѓосувачки челик, полека додавајте ја каустичната сода во водата (никогаш обратно!).

Најдобро е да се додава лажица по лажица. Немојте веднаш целата количина да ја истурите во водата, бидејќи настанува силна реакција и смесата може да претече од садот.

Штом ја додадете првата лажица од каустична сода, веднаш ќе дојде до реакција – водата ќе започне да врие и да пени.

Откако внимателно и полека сте ја додале целата база со дрвена лаица (никако со метална), промешајте ја смесата и додадете, исто така, полека, растопена маст и масло, кои не треба да бидат врели, туку само топли. Мешајте ја смесата во една насока додека да добиете изедначена меласа, како густ мед.

Смесата можете да ја мешате и со миксер, но не предолго (најмногу 10-тина минути) бидејќи смесата многу брзо ќе започне да се стврднува.

Ако сакате, во смесата можете да додадете и некои етерични масла за подобрување на мирисот (приближно 10-тина капки), како масло од лаванда или цимет.

Обложете го својот калап со проѕирна фолија, па полека и внимателно, во него излејте го него топлиот сапун. После 24 часа сапунот исечете го на облици по ваша желба (коцки и слично) или извадете го од калапот и оставете го да се суши на проветно место од 6 до 8 седмици.

Како калап може да ви послужи било кој сад или амбалажа од млеко или сок исечен од горната страна.

ТОПЛА ПОСТАПКА

Првиот дел е ист како кај ладната постапка, но разликата е во тоа што водата и мастите се ставаат во сад од нерѓосувачки челик во кој полека се додава каустичната сода, па после првобитното поврзување, кога смесата малку ќе се смири и повеќе не покажува знаци на вриење, сè се става на варење на тивок оган и повремено се меша додека смесата да згусне како шеќерен сируп.

Тоа може да трае со часови. Потребно е многу да се внимава бидејќи смесата станува се погуста. После три-четири часа варење, сапунот станува толку густ и треба брзо да се излие во калапи. И на овој сапун може да се додадат етерични масла за подобар мирис.

Сапунот брзо ќе се стегне и веќе после неколку часа може да се сече. Исто така треба да отстои на проветрено место за целосно да изветрее каустичната сода и да се заврши процесот на сапонификација.

Токму готвењето го забрзува процесот на испарување на содата, па затоа овој сапун побрзо е спремен за употреба.

Веќе после две седмици сушење на воздух, кога каустичната сода целосно е испарена, сапунот е готов за употреба.

ДОМАШЕН САПУН КОЈ НЕ ЈА СУШИ КОЖАТА И НЕ ПРЕДИЗВИКУВА ПЕРУТАЊЕ

Ова е основниот рецепт за правење на стариот, добар, домашен сапун, кој се прави од две компоненти: маст и база.

Потребни состојки:

50 мл вода
100 г свинска маст
1 супена лажица жива сода (кристали натриум хидроксид, каустична сода)

Постапка:

Свинската маст ставете ја да се растопи. Во посебен сад полека додадете ја содата во водата, а потоа додадете ја во растопената маст.

Потребно е да мешате половина час, се додека да се добие густа смеса. Готово е кога ќе ставите нож во смесата, па кога ќе го извадите, масата околу ножот треба веднаш да се стврдне.

Некогаш варениот сапун се излевал во сандак со дупчиња обложен со влажна крпа. Кога ќе се излади и стврдне, сапунот се одвојува од крпата и се сече со голем нож на парчиња.

Овој домашен сапун можете да го оплемените со разни состојки како маслиново и кокосово масло, лаванда, рузмарин, овесни снегулки, јогурт, мед, зрна кафе, кора од портокал, лимон, морков, тиква, ванила, какао и слично. Етеричните масла се капнуваат во смесата во мометот кога таа е уште топла.