Овој метод одамна се користи во Азија. Имено, таму оризот го варат во многу вода, а откако ќе го процедат, водата ја користат за повеќе намени, а една од нив е за миење на косата.

Овој метод стана нов тренд на интеренет со кој блогерките и бројни жени на Инстаграм се фалат и колнат дека со негова помош сега имаат поубава, поздрава и побујна коса.

Мора да признаеме дека после летото, долгите коси на девојките се оштетени од морето, сонцето и ветрот. А овој третман, како што наведуваат жените, ја прави косата посјајна, поеластична и го поттикнува нејзиниот раст. Иако нема научни докази за ова, многу жени го користат и имаат само пофални зборови.

Од друга страна, жените од југоисточна Азија овој метод го користат веќе со векови, а оризовата вода се спомнува дури и во времето пред Христос, која Јапонките ја користеле за нега на своите многу долги коси.

Во азиската култура тврдат дека оризовата вода за коса е делотворна бидејќи содржи аминокиселини кои ја јакнат и ја хранат косата, и иноситол, јаглен хидрат кој наводно ја поправа структурата на оштетената коса и останува во влакното после миењето, делувајќи како штит против новите оштетувања.

Она што е сигурно, освен дека бројни жени се колнат во нејзината ефикасност, е дека во оризовата вода остануваат витамините, минералите, аминокиселините и антиоксидантите кои се наоѓаат во зрното на оризот.

Оризовата вода особено ја сакаат жените со виткана коса која е склона на сушење. Оризовата вода се применува наместо регенератор, а за најдобар ефект потребно е да се остави на косата да делува околу 20 минути пред плакнењето. Оризова вода е најдобро да се прави од интегрален ориз.