Пост на анонимна читателка:

Каде исчезна човечноста во овој 21 век, каде исчезна човечката добрина и љубовта на човек кон човека? Каде исчезна чесноста, каде исчезна, како што би рекол дедо ми, образот?

Дали новите генерации знаат што значи кога ќе кажете “Ти давам збор”. Каде се изгубивме ние во оваа модерна технологија и во ова време во кое наскоро роботите ќе ги заменат луѓето. За да биде уште полошо, со сето ова, новото човештво се гордее.

Секојдневно читаме за сè поголеми достигнувања во сите сфери кои ќе ни го направат животот полесен, поугоден, попрактичен. Технологијата е толку напредната што ми се чини дека ќе биде полоша од своите родители во несфаќањето на истата во следните години.

Во тој хаос на човековата алчност да живее што поугодно, заборава дека истиот тој човек е всушност многу мал и минлив. И тој и сите ние забораваме секојдневно нешто многу важно, а тоа е дека сите ние сме на оваа планета првенствено тука за да го продолжиме видот!

Сите животни удобности се само гратис од едно делче во времето кое се нарекува наш животен век. Се одалечуваме едни од други. Земаме сè здраво за готово, себични сме во своите цели. Не им се насмевниваме на случајни минувачи. Намуртеното лице е ставот кој стана моден тренд.

Не им стануваме на повозрасните во јавниот превоз и со некои феминистички ставови се користиме на 8 март како изговор за да не им подариме ништо на нашите баби, тетки, пријателки.

Се помалку и помалку имаме гости и ретко одиме на гости иако сега имаме можност да купиме готова вечера, да наместиме клима на идеална температура и наместо да стоиме долго и миеме чинии, само ги редиме во машината.

Ние не ги викаме, тие не не’ викаат нас, а и не мораме бидејќи преку Фејсбук им ги следиме објавите, нивните слики, кој каде бил, што јадел, што пиел, па ете како се гледаме. Неволно ги поздравуваме соседите.

На социјалните мрежи ставаме само насмеани фотографии и места кои сме ги посетиле за да ете, се види, да се знае, како да си пркосиме едни на други, кој живее посреќно, подобро, поисполнето. А толку празнотија има во сите нас! Заборавивме на тоа што е ред.

Мерка за емпатичност на туѓите (тажни и среќни) животни настани ни стана лајкот со кој ги испраќаме тие настани. Веќе не ги запишуваме родендените на нашите пријатели, за тоа тука е Фејсбук да не потсети.

Со стикерите ги заменивме внимателно, кривулесто напишаните зборови во роденденската честитка која ја биравме и цели 5-10 минути за да ја пронајдеме вистинската која ќе го отсликува карактерот на личноста на нашиот драг пријател.

Престанавме да пишуваме љубовни писма и да правиме рачно свиткани и приготвени подароци, а зошто би, кога има има гифтшопови со веќе завиткани подароци. Немање финансии и немање време ни станаа изговори за многу работи.

А можеби помалку време и помалку финансии имале и генерациите пред нас, нашите баби и дедовци, но тогаш се знаеја некои работи. Се знаеше дека без разлика на семејните несогласувања, семејството е свет храм и нема таков изговор со кој би се пропутил семејниот ручек во седмицата.

Се знаеше дека поради почит кон нечии години, нешто мора и да се премолчи. Се знаеше дека зборот не се дава така лесно, но ако се даде, дека тој е свет и ќе се почитува. Имаше верба во луѓето.

Сега луѓето се се’ повеќе отуѓени едни од други. Свесни сме дека пребрзо живееме, дека некои работи кои ни се благослов, се подразбираат, дека не минуваме премногу време со драгите луѓе, дека времето иде само напред и дека не може да се врати, дека на детето не треба да му се дава телефон да си игра со него, но ете, тоа е единствениот начин за да биде мирно… Свесни сме, но ништо не преземаме околу тоа!

Човек на човека стана волк, а луѓето се социјални суштества. Како тогаш не сфаќаме дека го трошиме времето на погрешен начин и дека на погрешен начин се обидуаме да дојдеме до она кое на сите ни е важно, а тоа е човековото внимание, пофалба, поддршка.

И како да стана некое животно мото упорно да повторуваме дека нас не ни е гајле кој што мисли и кој што ќе каже. Но, да, гајле ние. И секој од нас треба да се грижи за тоа.

Никако да признаеме дека ништо не може да му замени како човек на човека!