Исусов трн, Исусов венец, Божји трн е претставник на преку 2000 видови euphorbie. Овие различни видови се разликуваат по тоа што некои се слични на кактусите (Божји трн), а други се повеќе слични на грмушестите растенија (Божиќна ѕвезда), па има дури и големи дрва претставници на овој вид. Она што е заедничко за сите видови на euphorbie е тоа што имаат млечен, отровен сок.

Исусов трн (Euphorbia milii)

Исусовиот трн не бара преголема нега и ако еднаш му го погодите местото, тој ќе си вирее беспрекорно. Не му пречи сувиот воздух и силното сонце на прозор. Покрај силните трнови кои потсетуваат на кактус има и овални зелени листови. Во текот на зимата се појавуваат бели, жолти или розови, розово-црвени мали цветчиња.

Билката сака исклучително топло и сонечво место. Треба умерено да се полева, особено зимно време, но водата да не биде премногу студена. После цветањето треба да се полева само толку колку да не се исуши коренот. Од март до август се полева малку повеќе и на секои две седмици се поѓубрува со специјален потхранувач за кактуси.

Исусов трн (Euphorbia milii)

Напролет, пред да се појават млади гранчиња, може да го поткастрите. Се размножува со клонирање, од гранчињата што ќе ги потсечете. Овие гранчиња кога ќе се пресечат, веднаш треба да се потопат во млака вода за да се спречи истекувањето на млечниот сок.

Потоа гранчето се остава еден ден да се потсуши, па се посадува во земја помешана со песок. Доколку премногу се полева или стои на ладно место, ќе му отпаднат листовите.

ВНИМАТЕЛНО: Билката во сите свои делови е отровна. Млечниот сок содржи супстанции кои ја надразнуваат кожата. На силните трнови може да се повредите, па затоа бидете внимателни кога ќе ракувате со ова цвеќе.

Исусов трн (Euphorbia milii)