Ќе ви претставиме две верзии од оваа салата, па вие одлучете се која повеќе ви одговара. И двете рецепти се проверено добри а се разликуваат малку по составот.

РЕЦЕПТ 1

Оваа салата е многу лесна за приготвување, а може да стои во фрижидер „додека не се изеде”. Многу добро одговара со сите видови месо, а особено е добар прилог за скара. Се мери со шолја од 250 мл.

Потребни состојки: 1 главица зелка, тенко сечена или рендана, 1 шолја мајонез, ½ шолја маслиново масло, 1 лажица сенф, 3-4 лажици шеќер, 1 лажица паста од рен или само малку свежо изрендан, 1 лажица ситно сечкан магдонос, 3-4 млади кромитчиња, 3 чешниња лук, 1 лажичка сол, бел оцет по вкус, малку црн пипер

Постапка: ренданата или сечканата зелка ставете ја во поголем сад и сосе малку посолете, оставете малку да омекне и пригответе го преливот. За прелив земете млад кромид, магдонос, лук и сето исечкајте го колку можете поситно или ставете го во секач.

Потоа додајте ги сите останати состојки да добиете крем. Закиселете го по вкус. Готовиот прелив измешајте го со зелката, малку измешајте и изгмечете со рацете, па оставете во фрижидер да се соединат сите состојки. Салатата е готова.

Во оваа салата можете да додадете и рендан морков и малку препечена сланина која претходно сте ја исечкале.

РЕЦЕПТ 2 Coleslaw – кремаста салата од зелка

Ова е една верзија од салатата што ја пробав на гости, а ја збогатив со зрна од калинка по мој вкус.

Потребни состојки: 500 г зелка, 100 г целер (корен), 100 г морков, 1 лажица рендан ѓумбир, 1 шолја зрна од калинка, по вкус сол и црн пипер, 1 лажица сечкан лист од целер, 4 лажици винска киселина, 4 лажици мајонез (или 2 лажици мајонез+ 2 кисела павлака)

Постапка: зелката исечкајте ја тенко или изрендајте ја. На крупно ренде изрендајте ги морковот и целерот. Ситно изрендајте го ѓумбирот. Ставете сè во чинија и измешајте. Одозгора наросете бобинки од калинка.

Во помала чинија измешајте го мајонезот, или доколку сакате измешајте мајонез и павлака, додајте оцет, сол, црн пипер и ситно сечкани листови од целер. Прелијте ја салатата одозгора и добро промешајте.

Салатата префрлете ја во чинија за сервирање и послужете. Одлично одговара како предјадење, со мезе или како салата со главно јадење.