Многу се вкусни, меки се како душа, нема да зажалите ако ги направите.

Потребни состојки: 1 свеж квасец, ½ лажичка шеќер, 200 мл млеко, 600 г меко брашно, 80 мл масло, 1 лажичка сол, 1 јајце, 1 жолчка и 200 мл јогурт

За фил: 250 г свежо кравјо сирење, 80 г рендан кашкавал, сол, црн пипер, сув зачин (вегета), 1 лажица сечкан власец, 1 јајце. За премачкување: 1 јајце и 1 лажица сусам

Постапка: Квасецот издробете го, додадете шеќер, малку топло млеко, убаво размешајте да се раствори и оставете го на топло да се активира, околу 10-тина минути.

Во брашното направете бунарче, па додадете го квасецот, маслото, солта и разматеното јајце со жолчката, па преостанатото млеко и замлачен јогурт )на собна температура), па замесете меко и мазно тесто кое не се лепи на рацете. Оставете го на топло место додека да го удвои волуменот.

Добро исцедете го свежото кравјо сирење, па измешајте го со рендан кашкавал. Зачинете со сол, црн пипер, власец, вегета, јајце и добро промешајте.

Тестото поделете го на мали топчиња, секое топче на дланката малку истапкајте го, ставете 1-2 лажички фил, а потоа повторно формирајте топче и ставете го на намастен плех.

Премачкајте со разматено јајце, наросете со сусам и оставете на топло место да кисне уште 15 минути. Печете во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути.