Фото и рецепт: Нале. Ова се всушност Ренато коцки само малку променети според желбите на мојот сопруг. Не мора 8 жолчки да се стават, ама мојот маж е малку размазен, па сака колачи со мнооогу фил.

Прво ги направив Ренао коцките, но тој предложи наместо кокос да ставам лешник и да направам двојно повеќе фил, па ете, направив крем со 8 жолчки наместо со 4 како што би било нормално… Повелете, пробјате ги, сигурна сум дека ќе ви се допаднат.

Потребни состојки за кора: 4 белки, 1 прстофат сол, 80 г шеќер, 20 г брашно, 80 г печени, мелени лешници. За фил: 8 жолчки, 120 г шеќер, 50 г брашно, 170 г млеко (мерено на вага), 90 г чоколадо за готвење, 110 г путер. Останато: 30-тина печени, мелени лешници за наросување

Постапка: Во белките додадете прстофат сол и добро изматете. Полека додавајте го шеќерот и понатаму матете додека да добиете цврст снег. Исклучете го миксерот. Полека додадете ги мелените, печени лешници и 20 г брашно. Измешајте со жица или лажица, да остане смесата воздушеста.

Земете тепсија, приближно да биде со величина од 30х20 см, па намастете ја и набрашнете ја. Рамномерно распоредете ги белките и израмнете. Печете 20 минути на 180 степени. Пробајте со чепкалка дали е готово.

За тоа време пригответе го филот: изматете 8 жолчки со 120 г шеќер. Потоа додадете 50 г брашно и 170 г млеко (мерено на вага, но исто е и во мл). Можете да го варите на пареа, но јас сакам директно на рингла на многу тивок оган, со постојано мешање со жица, зошто многу лесно може да загори.

Додадете 90 г чоколадо за готвење. Варете додека филот да згусне убаво, па тргнете на страна и оставете да излади со повремено промешување. Кога ќе излади додадете 110 г добро измиксан путер, па заедно уште еднаш добро измиксајте за да се соединат.

Филот премачкајте го преку изладената кора и одозгора наросете со 30-тина грама печени лешници. Пред послужување добро изладете. Сечете на штангли или коцки и уживајте во вкусот.

Доколку сакате повеќе “Фереро рочер” вкус, ставете во кремот уште околу 50 г или две лажици мелен лешник. на крај ќе ви останат 4 белки кои можете да замрзнете, да ги приготвите за појадок, да направите целувки или нешто друго.