Редовно ја правам зошто многу е лесна, не се валкаат многу садови и за кратко време е готова.

Потребни состојки:

1 тиквичка околу 500 г
1 чаша јогурт
3 до врв полни големи лажици свежо сирење
3 јајца
150 г брашно +-
1 прстофат прашок за печиво
Сол, масло, малку сирење за наросување

Постапка:

Тиквицата излупете ја и изрендајте ја, посолете ја и оставете ја малку да отстои за да ја отпушти течноста. Со рацете убаво стиснете за да излезе вишокот течност, процедете ја па додадете ги другите состојки: јајца, дробено сирење, јогурт, брашно и малку прашок за печиво. Посолете по вкус.

Треба да добиете средно густо тесто, но тоа сами мора да го оцените, бидејќи тиквичките различно сите ги цедиме. Според нив ќе додавате или одземате брашно и јогурт.

Добро намастете една тепсија, а може да ставите и хартија за печење, па во неа излијте ја смесата и одозгора наросете сирење (кој сака може и сусам). Печете на 200 степени околу 35-40 минути.

Ова речиси редовно го правам за вечера, одлично е за летно време, децата го јадат го чаша јогурт а сопругот со чаша пиво. Доколку имате остатоци сувомеснато во фрижидер, можете во питата да додадете сечкана шунка или салама, по ваша желба. Убава е и следниот ден за јадење кога ќе излади.