Маринирани пиперки во тегла – на македонски начин

Ние Македонците знаеме пиперките да ги приготвуваме на милион и еден начин, а ова е еден од тие начини.

Потребни состојки:

50 црвени меснати пиперки
250 мл масло
250 мл оцет
1 рака шеќер
1 рака сол
2-3 главици лук
2 китки магдонос
1 кесичка црн пипер во зрно

Постапка:

Пиперките испечете ги, излупете ги, но само дршките вадете им ги, оставете ги цели. Маслото, оцетот, солта и шеќерот ставете ги на оган да зовријат во поголемо тенџере.

Кога маринадата ќе зоврие, ставете ги пиперките малку да се подварат. Ова правете го на тивок оган и немојте да ги мешате пиперките, туку само протресувајте го тенџерето. Маринирањето трае максимум 10 минути.

Лукот исчистете го и ситно исечкајте го, па измешајте го со ситно сечканиот магдонос и црниот пипер. Кога малку ќе изладат пиперките, редете: ред пиперки, па ставете одозгора лук и магдонос, па повторно пиперки и продолжете по истиот редослед.

Полијте ги со маринадата и оставете ги теглите отворени преку цела ноќ. Наутро долејте уште малку од маринадата и затворете ги теглите.

Loading...