Флекситаријанство е кованица од два збора: флексибилно и вегетаријанство. Зазема високо место на листите од најдобри диети, а се темели на растителни намирници, додека месо се внесува само повремено.

Терминот „Флекситаријанство“ настанал пред повеќе од деценија како еден вид правец во исхраната кој го применуваат луѓе кои повеќето време се исхрануваат вегетаријански, но повремено посегнуваат и по месо поради социјални или културни причини, или пак за да ги задоволат нутритивните потреби.

Бидејќи флексибилноста е во самиот темел на флекситаријанството, не е строго дефинирано колку пати седмично е дозволено да се јаде месо, важно е само исхраната во најголем дел да се состои од растителни намирници, а месото да биде како прилог.

Флекситаријанската исхрана се темели на следните намирници:

Т.н. „ново месо“ кое вклучува тофу, соја, мешунки, јаткасти плодови, семки, јајца (препорака е што помалку да се внесуваат животински протеини, а што повеќе растителни)

Овошје и зеленчук

Интегрални житарки

Млечни производи (по можност со помал процент на масти)

Зачини, засладувачи (да се одбегнува шеќер)

ФЛЕКСИТАРИЈАНСТВОТО НЕ Е ВЕГЕТАРИЈАНСТВО

За разлика од флекситаријанците, вегетаријанците никогаш во своето мени нема да вклучат црвено месо (месо од цицачи) во било кој облик.

Меѓутоа, во зависност од типот на вегетаријанството, можно е во исхраната да бидат застапени животински намирници како што се јајца (ово-вегетаријанство), млеко и млечни производи (лакто-вегетаријанство) или комбинација од двете (лакто-ововегатријанство), но и најлибералниот облик (семи-вегетаријанство) кој повремено вклучува и риба, морски плодови и пилешко, но не дозволува бифтек, пршута и останати варијации на црвено месо.

ПРЕДНОСТ ЗА ЗДРАВЈЕТО ОД ФЛЕКСИТАРИЈАНСКАТА ИСХРАНА

Здравствените предности од вегетаријанската исхрана, особено за срцето и крвните садови се добро документирани, а сличен ефект дава и флекситаријанството.

Според некои истражувања, флекситаријанците тежат 15% помалку од сештојадите, имаат пониска стапка на срцеви болести, дијабетес и карцином, па просечно живеат 3,5 години подолго.

Причината за ова е многу едноставна.Исхраната која се темели на растителни намирници, имено, осигурува богатство од витамини, минерали, влакна и фитохемикалии, а од друга страна е сиромашна со заситени масти и холестерол, што е добро за здравјето на срцето и крвните садови и го намалува ризикот од дијабетес тип 2, па дури и карцином.

Бидејќи во флекситаријанаството се застапени сите намирници, ризикот од прехрамбен дефицит од кој страдаат рестриктивните облици на вегетаријанството – е минимален.

ФЛЕКСИТАРИЈАНСКА ДИЕТА

Флекситаријанството може да послужи и како диета за слабеење па е одличен избор за оние кои имаат вишок килограми – за одржување на идеална телесна маса.

Кога станува збор за флекситаријанската редукциска диета, препорачаниот дневен калориски внес се движи околу 1500 kcal што овозможува постепено и здраво слабеење со долгорочно усвојување на таквиот начин на исхрана.

Диетата е поделена во три главни оброци и два меѓуоброка. Притоа е важно да се следи основното правило во кое месото е многу мал дел од оброкот, а менито се темели на растителни намирници.

Главна идеја на оваа диета е да не се оди во екстреми при кои се исфрла цела група намирници од исхраната, бидејќи исхраната може и треба да биде флексибилна.

Токму благодарение на флексибилноста и здраворазумскиот пристап во слабеењето – оваа диета беше прогласена меѓу најдобрите во 2013 година. На листата од најдобри диети флекситаријанската диета се најде на 4.место, веднаш зад медитеранската диета.