Едноставен а богат ручек кој можете да го послужите во различни пригоди.

Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 главица кромид, 1-2 мали лажички сув зачин (вегета), ½ шолјичка ориз, црн пипер, црвен пипер, 2-3 чешниња лук, 2 литри вода, 1 јајце, морков, 2-3 големи лажици пченкарно брашно или презла, ½ прашок за печиво

За прелив: 200 мл кисела павлака, 2 јајца и 100-150 г пармезан или друг рендан кашкавал

Постапка: Кромидот исечкајте го ситно и пропржете го на малку масло. Во месото додадете го пропржениот кромид, лукот, вегетата и другите зачини, рендан морков, брашно, прашок за печиво и јајце.

Оризот измијте го и малку проварете го, па додадете го во месото. Замесете го убаво, па правете топчиња го големина на пинг понг топчиња. Загрејте ја водата, па полека ставајте ги топчињата и варете ги на тивок оган околу 15 минути.

Извадете ги топчињата од вода, ставете ги во сад за печење, прелијте со прелив (измешајте павлака, јајце и рендан кашкавал). Печете на 220 степени околу 15-20 минути.

Водата во која се вареа топчињата може да се искористи за супа, доволно е да се додадат тестенини и запршка – супата е готова.