Според народното верување оваа билка поттикнува проток на позитивна енергија.
Куќна среќа (Helxine soleirolii) е билка за која се верува дека носи среќа и радост во домот во кој се одгледува.

Може да биде оригинален подарок кој јасно порачува колку среќа и радост му посакувате на лицето на кое му ја подарувате. Според народното верување оваа билка поттикнува проток на позитивна енергија.

Иако потсетува на тревичка, ова цвеќе го красат ситни, густи, тркалезни зелени листови. Куќната среќа расте во вид на мала грмушка. Потекнува од Сардините и не бара многу нега за одржување.

Нејзината нега подразбира неколку основни правила:

-Бара сончева светлина, но без директно излагање на силни сончеви зраци. Убаво ќе напредува на место со малку сенка, а ако ја чувате дома, најдоброто нејзино место ќе биде покрај прозорецот кој гледа на север.

-Температурата која најмногу и одговара е помеѓу 10 до 24 степени.

-Наводнување: Куќната среќа бара редовно полевање но не и преобилно за да не скапе коренот. Внимавајте да не ги натопувате ливчињата, туку само земјата. Ливчињата би можеле повремено да ги прскате со малку млака, отстојана вода.

Пресадување не е потребно: Куќната среќа добива облик на мала грмушка на која не и е потребен голем простор. Обично достига висина од околу 18 см. Коренот е лесен и плиток па затоа не му треба садење во поголема саксија.

Како се размножува?

За да постигнете убав облик, на пролет можете да ја шишате. Токму овие мали кревки гранчиња можат да ви послужат за размножување. Само посадете ги во мешавинаод песок и хумус, па со редовно полевање, брзо ќе пуштат коренчиња.

Размножувањето можете да го направите и на друг начин: со лажица ископајте еден дел од возрасната билка, па посадете го во друга саксија. Потоа чувајте го на ладно и влажно место – па новата Куќна среќа набрзо ќе почне да вирее и да ја исполнува саксијата.

Шармот на едноставноста

Предноста за одгледување на Куќна среќа се состои во нејзината едноставност која само по себе е украс. Сепак, честопати оваа билка се комбинира и со други цвеќиња, како зелена база – подлога за декорација..
Како се одгледува во градина:

Доколку сакате Куќната среќа да ја засадите во градина – за тоа ви се најпогодни жардиниерите. Поставете покрај стазите во дворот или покрај оградата.
Посебно е декоративно кога се комбинира со цвеќе кое има шарени цветови.

Освен во жардиниери и саксии, Куќната среќа неретко ја садат и како трева, токму поради своите преубави зелени ливчиња. Лесно и брзо се шири, па формира убава зелена прекривка.

Сепак, температурите пониски од 7 степени, нема да ги издржи. Ако зимно време ја оставите надвор, таа ќе измрзне, но постои шанса, напролет, со првите сончеви зраци, повторно да пушти нови ливчиња, доколку коренот преживеал.