На Меѓународниот саем за градежништво кој се одржа во Белград, еден од секако најинтересните и најдостапните проекти кои беа претставени таму, беа монтажните куќи.

Монтажните куќи се за 40-50% поевтини од традиционалните, па така една куќа која има 31 квадратни метри простор чини 6.040 евра, а станбена од 100 квадрати чини 16.180 евра.

По принципот “клуч на рака”, куќа за четиричлено семејство може да се добие за 25.000 евра, а 180-200 евра по квадрат во сивата зона.

Монтажните куќи во светот се чести, а и кај нас полека стануваат редовни. Евтини се, еколошки, топли и веднаш вселиви, а траењето на материјалот кој се користи е околу 100 години.

Луѓето чии куќи беа поплавени, многу брзо го решија тој проблем. Од градежните претпријатија велат дека поплавата не може да ги однесе монтажните објекти и дека користеле огноотпорен материјал, за во случај на пожар да не се сруши куќата.

Произведувачите истакнуваат дека расте популарноста на овие куќи бидејќи младите генерации се’ почесто сакаат нивните домови да носат нивен “личен печат”, па од типски куќи имаат и опција “по желба на купувачот”.

Архитектите можат да ја осмислат куќата во склад со идеите кои ќе ги предложи сопственикот. Па така, наведуваат пример каде сопственикот побарал само една страна од куќата да биде соѕидана а другите три страни да бидат во стакло, дека сам ги бирал плочките и распоредот на просториите. Тие се подготвени да излезат во пресрет за сите желби на купувачот.