-Домашен прашок за перење алишта

Бидејќи денес сè е вештачко, не сме ни свесни колку сè е затруено, почнувајќи од воздухот, водата, храната, па сè до средствата за одржување хигиена и чистење. Сето тоа преку кожата се апсорбира и предизвикува разни алергии и други проблеми со кожата и организмот.

Затоа помислив да го пробам овој стар, природен рецепт за прашок за перење алишта, нешто поздраво за нас и нашата околина.

Потребни состојки:

500 г природен сапун за алишта
500 г сода бикарбона

Постапка:

Најдобро е да имате сапун од домашно производство, но исто така, добар е и купечкиот сапун за перење алишта.

Природниот сапун за перење алишта најпрво се ренда или можете истото да го направите во мултипрактик (така е полесно).

Во изренданиот сапун додадете сода бикарбона и убаво промешајте за да се изедначат двете состојки. Доколку ги мешате во мултрипрактик, доволна е само една минута колку да се добие прав.

Наместо омекнувач, може да се користи оцет/кис за правење зимница кој е 7-9%. Се става една мерилка во отворот за омекнувач, а ефектот е ист како да сте ставиле первол или ленор.

После перењето нема мирис на оцет, за тоа – не се плашете.

Од прашокот за перење се става исто така, една мерилка, на ист начин како кога ставате и обичен, купечки прашок.

Овој прашок за мене е чудо! Нашата вода содржи доста разни минерали и затоа алиштата никогаш не ни излегуваат бели после перењето. Меѓутоа, кога за првпат го пробав овој прашок, бев многу изненадена, алиштата никогаш не ми биле побели!

Го изрендав сапунот кој баба ми го направила којзнае од кога и само така седеше заборавен. Додадов и сода бикарбона и мислам дека веќе никогаш нема да купам прашок за перење! Мислев дека домашниот прашок не може да испере подобро од купечкиот детергент. На моето воодушевување му нема крај.