Што ново да се направи со тиквичките е прашање кое секоја домаќинка ја измачува во сезона на тиквички. Се шегувам, но навистина понекогаш е тешко човек да смисли ново јадење со кое ќе ги воодушеви домашните.

Тиквичките често ги користам бидејќи ги има на секоја тезга, имаат неутрален вкус и ги примаат аромите и мирисите на она што ќе им го додадете. Идеални се кога е жештина, брзо се приготвуваат, а со кисела павлака доста освежуваат. Овојпат направив тиквички полнети со кашкавал или фета сирење.

Потребни состојки:

2 средни тиквички
Сол и малку црн пипер
Кашкавал или фета сирење
Јајце, брашно, презла

Постапка:

Излупете ги тиквичките па исечете ги по должина на тенки ленти. Ова е најлесно да ги направите со нож за лупење компири со долг, широк нож.

Лентите малку насолете ги и запиперете ги, па оставете ги малку да пуштат течност.

Исцедете ги, па земајте по две ленти и од нив правете крст. Во средината на крстот ставете парче кашкавал исечено како правоаголник, или лента превиткана на два-три пати, па префрлете ги лентите лево и десно и горе и долу, па свиткајте ги ливчињата околу кашкавалот. Вака правете додека да ги потрошите тиквичките.

Потоа загрејте го маслото во тавче на нешто послабо од најсилниот оган, а додека чекате маслото да се загрее, изматете јајца и спремете брашно и презла.

Валкајте ги тиквичките: во брашно, па во јајце, па во презла и пржете ги тиквичките додека да заруменат од двете страни.

Пржените тиквички редете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија и послужете ги топли.

похувани тиквички полнети со кашкавал