Многу вкусен колач, посен, се топи во уста.

Потребни состојки:

350 мл свежо исцеден сок од портокал
4 супени лажици домашен џем од шипки (или по ваш избор)
120 г шеќер
2 ванилин шеќер
2 портокали – рендана кора
180 г печени мелени ореви
100 г остро брашно
2 лажици темно чоколадо
1 прашок за печиво
100 мл масло

За фил:

100 г посно чоколадо
2-3 лажици домашен џен од шипки + малку за премачкување на кората
120 г посни мелени бисквити
1 ванилин шеќер
150 мл свежо цеден сок од портокал
За наросување: 50 г сечкани ореви

Постапка:

Портокалите добро измијте ги и изрендајте ја кората од два, а потоа исцедете вкупно 500 мл сок (мене ми беа потребни 4 средни доста сочни портокали). Оревите ставете ги во тава и на суво пропржете ги 10-тина минути на умерен оган, водејќи сметка да не загорат. Кога ќе бидат печени префрлете ги на крпа и протријте ги за да излезе кожичката. 180 г сомелете а остатокот исечкајте ги за наросување.

Во еден сад ставете 350 мл сок од портокали и додадете џем од шипки (со средна густина), шеќер и ванилин шеќер, рендана кора од портокал, мелени ореви и просеани прашкасти состојки. Убаво промешајте и соединете. На крај во тенок млаз додадете масло со постојано мешање.

Смесата излејте ја во плех со димензии 30х20 см или приближна величина, претходно обложен со хартија и печете на 160 степени околу 25-30 минути (кај посилен шпорет, а кај послабите зголемете ја температурата на 180 степени или прилагодете кон вашата рерна). Печената кора извадете ја да излади. Останува сочна и мека.

За фил: на тивок оган растопете го чоколадото помешано со џем. Во посебен сад добро измешајте ги мелените бисквити, сокот и ванилата, па додадете во претходната смеса и убаво промешајте за да се соединат сите состојки. Филот нанесете го врз кората и одозгора наросете сечкани ореви.

Колачот исечете го на коцки или штангли по желба. Може да се послужи топол или ладен.