Ова е одличен рецепт за посно и евтино предјадење. Посните топчиња од компир изгледаат многу ефектно, а превкусни се.

Потребни состојки: 1 кг компир, излупен и исечен на крупно, 2-3 чешниња лук, 100 г посен мајонез (мала кесичка), 3 шаки несолени печени и мелени кикирики, 1 морков, толчена лута пиперка, сол, црн пипер, околу 3 лажици препечен сусам (половина за валкање)

Постапка: Компирот убаво измијте го, излупете го и исечете го на крупни коцки. Посолете го и ставете го во тенџере заедно со еден морков. Долејте вода за да бидат компирите покриени, па сварете ги. Морковот тргнете го на страна, а варените компири изгмечете ги како пире.

Лукчето исчистете го и испасирајте го (или многу ситно исечкајте го) и додадете го во пасираниот компир. Додадете и посен мајонез, посолете по вкус и запиперете.

Промешајте за да се изедначи смесата. Ова е основата која треба да се подели на три дела. Во првиот дел додадете ги кикириките и промешајте да се изедначи. Во втората смеса додадете 1,5 лажица сусам и промешајте. Во третиот дел додадете рендан морков (кој претходно се вареше со компирот.

Од смесата со сусам вадете топчиња и валкајте ги во сусам. Од смесата со морков вадете топчиња и валкајте ги во толчена црвена пиперка.

Од смесата со кикирики правете топчиња кои можете да ги валкате во мелени крекери или кикирики, а може да ги оставите како што се. Деталите за постапката можете да ја погледнете во видеото: