Повелете да се замезиме – ова се моите пилешки прсти и вака јас ги правам

На сопругот и на син ми им се омилени, па кога и да ми побараат, јас вака им ги приготвувам. Обично во презлата додавам и сусам, но овојпат немав, па ги направив само со лебни трошки и малку брашно.

Потребни состојки

4 парчиња пилешко бело месо
зачини: сол, црн пипер, сув зачин
100-150 г лебни трошки
2-3 лажици брашно
100 мл јогурт или млеко
150 мл вода
6-7 лажици брашно
1 јајце
½ лажиче сол
2-3 лажици масло
масло за пржење

Постапка:

Пилешкото месо исечете го на тенки ленти, колку подолги, толку подобро. Зачинете ги по вкус со црн пипер и сол, а може да додадете и сув зачин.

Направете смеса слична како за палачинки, но малку погуста од брашно, јогурт, вода, масло, јајце и малку сол.

Натопете го месото во течноста и убаво измешајте за да се впие. Оставете да одмори 5 минути.

Потоа секоја лента месо во виљушка вадете ја од смесата и ставајте ја во мешавина од лебни трошки каде сте додале малку брашно, а може и сусам. Одозгора наросете ги со уште малку презла, извалкајте ги добро и редете ги во друг сад. Кога сите парчиња ќе ги извалкате, ставете ги во замрзнувач околу 10-15 минути за да стегнат.

Потоа пржете ги во умерено загреано масло, може и посилно (во текот на пржењето намалувајте или засилувајте по потреба), убаво од двете страни додека да добијат златна боја.

Можете да ги послужите со сос направен од мед и сенф во однос 1:1 или по вкус.

Loading...