Многу вкусен колач, сите ќе ви бараат рецепт. Ова е еден од оние едноставни колачи кои брзо и многу лесно се приготвуваат, а сепак пленуваат и со вкус и изглед. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки: 1,5 кг јаболка, 100 г суво грозје, 19 лажици шеќер, 2 лажички цимет, 50 г путер, 5 јајца, 100 мл млеко, 100 мл масло, 8 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 200 мл вода, 2 шлаг пена и ореви

Постапка: Јаболката убаво измијте ги, излупете ги, исчистете ги од семки и исечете ги на парчиња. Во помала тепсија обложена со хартија наредете ги парчињата јаболка на дното да биде сето покриено.

Одозгора врз јаболката сипете суво грозје претходно 15-тина минути натопено во вода со малку рум. Рамномерно распоредете десет лажици шеќер, две лажички цимет и 50 г рендан путер (или исечкан на тенки ленти).

Ставете да се пече 40 минути во загреана рерна на 180 степени.

Посебно изматете пет белки, па додадете 9 лажици шеќер и продолжете со матење додека да добиете цврст снег. Во белките додајте 5 жолчки (една по една за попенлива структура), изматете, па 100 мл млеко и на крај 100 мл масло.

Во добиената смеса додајте 8 лажици брашно и една кесичка прашок за печиво, па со лажица или шпатула полека промешајте и изедначете додека да добиете изедначена, компактна смеса без грутчиња.

Смесата излејте ја преку печените јаболка и израмнете. Продолжете со печење уште 20 минути.

Потоа тепсијата одозгора обложете ја со алуминиумска фолија и продолжете со печење уште 20 минути.

Печениот колач превртете го врз тацната за послужување. Во 200 мл вода изматете две шлаг пени и декорирајте го колачот одозгора.

Наросете со ореви и ставете го во фрижидер добро да излади. Деталите можете да ги погледнете во видеото: