Стариот латински назив датира уште од Плиниј. Според некои автори доаѓа од portula – вратничка, со што се прави алузија на лесно видливите отвори на плодот низ кои излегува семето веднаш по созревањето.

Ги има околу 100 видови, а како цветна култура најчесто се одгледува Portulaca grandiflora Hook. Овој вид потекнува од Јужна Америка каде расте како повеќегодишна билка, додека кај нас се одгледува како едногодишно цвеќе. Стеблото е сочно, месесто, здебелено, со висина од 10-15 см.

Сочните гранчиња се покриени со ситни, цилиндрични, меснати, задебелени листови. Цветовите се поединечни, едноставни или полни, со пречник од 3-5 см, без мирис, во разни бои и нијанси (бела, розова, црвена, виолетова и др.). Цвета многу обилно од јуни до периодот на првите мразови.

Портулака масовно се размножува со семе, додека сортите со полни цветови најчесто се размножуваат вегетативно, со гранчиња. Семето е многу ситно, па така во 1 г има 9 000 – 10 000 семиња, а останува здраво со способност за ‘ртење до 4 години. Семето се сее во март или април во топли леи или во април на постојано место.

Семето никнува доста споро (2-3 седмици). Овој вид поднесува пресадување. Се расадува на растојание од 10-15 см или ако се насејало на постојано место, тогаш се разредува со тоа што се оставаат само најсилните билки.

Додека се се’ уште млади со внимателно набљудување се издвојуваат оние со полни цветови (се разликуваат по тоа што имаат кратки, задебелени стебленца, а покрупни листови) од оние со прости цветчиња (потенко стебленце, ситни ливчиња и за исто време израснуваат поголеми).

За тоа треба да се води сметка при расадувањето, односно проретчувањето. Од сеењето до почетокот на цветање поминуваат 60-70 денови. Портулака бара сончево, отворено и топло место, суво и дренажно, топло и средно хранлива земја. Цветовите на прскосот се отвораат на сончево време, додека на облачно време се затворени. Во текот на одгледувањето треба ретко да се полева.

Благодарение на нискиот раст, обилното и продолжено цветање, разнобојноста и разноликоста на цветовите, лесното одгледување, пркосот се вбројува меѓу најценетите летни цвеќиња за создавање на летни теписи, бордури, груши, оформени делови, цветни сандуци и жардиниери.