Ова е едно убаво и вкусно јадење, кое се приготвува едноставно, од многу малку состојки, а се добива врвен специјалитет.

Потребни состојки: 1 кг пилешко месо исечено на парчиња, 1 лажица сув зачин (вегета), 7 лажици масло, 6 јајца, 150 г остро брашно, ½ лажичка сол и 500-600 мл млеко

Постапка: пилешкото месо одвојте го од коски (или замолете ги во месарата тоа да го направат наместо вас), па исечете го на помали парчиња и зачинете со сув зачин (убаво протријте го рамномерно).

Вака приготвено месо пропржете го на 3 лажици загреано масло од сите страни по 10-тина минути.

Разматените јајца промешајте ги со брашното, сол, млеко, па оставете ја смесата да отстои околу 10-15 минути.

Во огноотпорен сад или плех ставете го преостанатото масло и загрејте го. Врз загреаното масло излејте третина од смесата со јајца и брашно. Врз смесата распоредете го запрженото месо, а врз месото залијте ја преостанатата количина од смесата со јајца, брашно и млеко.

Печете во загреана рерна на 210 степени околу 20-30 минути. Печеното пилешко оставете малку да излади, исечете го на порции и послужете со салата. Може да прелиете со милерам-кајмак.

Коските можете да ги сварите и да направите супа.