За жал, оној прекрасен обичај е речиси заборавен: да се послужат гостите со слатко и чаша вода за да се освежат од патот.

СЛАТКО ОД ШУМСКИ ЈАГОДИ

Потребни состојки:

350 г шумски јагоди
1 кг шеќер
1 ванилин шеќер
200 мл вода

Постапка:

Величината на шерпата прилагодете ја според количината на јагодите: водете сметка дека тие треба да бидат распоредени во еден ред.
Прво ставете шеќер и прелијте го со 200 мл вода. Варете додека да добиете густ сируп. За тоа време малите јаготчиња исперете ги и оставете ги добро да се исцедат. Внимавајте да не ги нагмечувате за да останат цели во слаткото.

Во варениот сируп внимателно истурете ги јагодите и додадете ванила. Ова е единствено слатко во кое не се става лимон за да не му се наруши тој прекрасен мирис и вкус на шумски јагоди.

Се вари на среден оган околу 15-20 минути. Слаткото треба полека да врие. Сирупот треба повторно да згусне, но така што од лажицата ќе паѓаат крупни, тешки капки. За време на готвењето слаткото не се меша, туку повремено се протресува шерпата.

Кога е готово слаткото тргнете го од оган и повторно протресете ја шерпата за да се собере пената на средина, за да можете полесно да ја тргнете. Ако не се тргне пената има голема шанса слаткото да се зашеќери. Покријте одозгора со чиста сува крпа и оставете така да преноќи. Следниот ден складирајте во чисти суви теглички.

Од 750 г чисти јагоди кои се варат во 2200 г шеќер се добиваат 6 мали теглички или 3 стандардни тегли.

СЛАТКО ОД ЈАГОДИ

Ова е едноставен и лесен рецепт за слатко од јагоди. На истиот овој начин можете да направите слатко од вишни, цреши, малини… Кога ќе ве изненадат гости и вие нив изненадете ги со слатко на масата.

Потребни состојки:

1 кг исчистени јагоди
1 кг шеќер
1 мал лимон (или половина поголем)

Постапка:

На дното од поголем сад ставете ги јагодите и одозгора наросете ги со шеќер. Вака оставате ги неколку часови или преку ноќ.
Кога тие ќе пуштат течност, само еднаш внимателно промешајте за да го размешате шеќерот.

Прво ставете на најсилен оган и додадете го сокот од лимон, а ставете ги и корите од лимонот да провријат и тие заедно некое време, па потоа извадете ги. Штом зоврие слаткото намалете го малку огнот. За цело време собирајте ја пената додека се вари слаткото.

Кога ќе започнат да се појавуваат стаклести меурчиња, а од лажицата истекува сирупот во крупни капки – слаткото е готово. Покријте го садот со влажна крпа додека да излади.

Изладеното слатко складирајте го во стаклени тегли.
За деталите од постапката погледнете го видеото: