Риниса уште на својот прв ден во животот се соочи со огромен проблем, проблем кој за неа значеше живот или смрт. Не по своја волја таа уште во првиот миг кога го доби животот почна да се бори за него, да се бори со сите сили во борба во која беа важни дури и секундите.

Риниса е родена на 1 август во општата болница во Струга а веќе на 2 август беше донесена во нашата клиника. Итноста на состојбата не дозволуваше никакво одлагање ниту пак колебање што да се направи. Веднаш било утврдено дека таа е зависна од кислород и тоа било првичниот мотив да се префрли во Клиниката за детски болести во Скопје.

Таму после направената анализа и ехокардиографија е утврдено дека има сериозна вродена срцева мана т.е. транспозиција на големи крвни садови по што веднаш е префрлена во Zan Mitrev Clinic.

Уште во првиот миг од пристигнувањето во нашата клиника нашиот докторски тим веднаш почна со подготовки за реализација на оперативен третман.

– Веднаш реагиравме соодветно оти таа состојба, таа срцева мана, веднаш бара реакција бидејќи ако не се реагира веднаш може да заврши фатално. По доаѓањето кај нас веднаш се започна со терапија по протокол за да може да се дојде до оперирање.

Тоа е една специфична терапија која беше спроведена и со сите предоперативни анализи коишто треба да се реализираат за да може детето итно да се внесе во сала.

Следниот ден се влезе во сала и се направи исклучително тешка операција којашто беше исклучително успешно изведена од нашиот тим.

После оперативниот третман ние како тим имавме голем предизвик затоа што ова е сериозна вродена срцева аномалија којашто има многу мал процент на преживување и тоа во светот во сериозно развиени кардиохируршки центри.

Со големи предизвици се сретнавме и постоперативно и ние како педијатри. Меѓутоа нашиот максимум даден изминатиов период вроди со плод така што Риниса дочека не само да си оди дома туку тоа да го направи во супер состојба.

Таа е сосема здрава, весела среќна со покачена телесна тежина, со уредни витални параметри. Да напомниме дека таа кај нас беше примена со сатурација од 60% а сега ја пуштаме со кислородна сатурација од 100%.

Таа сега е многу пргаво и весело бебе на општо задоволство на сите нас и секако посебно за родителите кои се тука и со нетрпение чекаат да си ја однесат дома.

Останува да ја следиме на нејзините редовни контроли и да не почествува со нејзиното присуство, да ја гледаме како расте – вели Јорданка Маџоска педијатар во нашата клиника.

Ова е огромен успех пред сè за самиот спасен живот, за нашата клиника, за тимот доктори и целиот персонал што работи тука а секако и за целата наша држава бидејќи се изедначуваме со врвни светски центри кои долго време работат детска кардиохирургија.

– Токму така, ова е уште еден доказ дека работиме одлична кардиохирургија и одличен постоперативен програм кој резултира со тоа што по еден месец од една ваква комплексна операција едно мало бебенце здраво си оди дома.
Zan Mitrev Clinic е во рангот на врвните светски кардиохируршки центри – додава Маџоска.

Родителите се секако пресреќни што нивното првенче и покрај огромните ризици и проблеми здраво и насмеано си заминува дома.

– Благодариме на целиот тим и посебно на доктор Жан Митрев кој го спаси нашето дете. Поминавме тешки мигови. Сепак, длабоко во себе знаевме дека сме на вистинското место каде што ќе се даде комплетната здравствена заштита, грижа и нега на нашето дете.

Оваа болница ја гледаме како второ родилиште на нашата ќерка. Таа еднаш се роди во болница во Струга по што повторно и се даде живот токму тука во клиничката болница „Жан Митрев“. Ние сме пресреќни што конечно си одиме дома со нашето најмило – ни изјави мајката пред да го напушти одделението каде што беше сместена Риниса.