Ова се шне нокли на старински начин.

Фото и рецепт: Мира Матовина

Потребни состојки:

1 литар млеко

4 јајца

6 лажици шеќер

2 ванилин шеќер

2 полни лажици брашно

Постапка:

Одвојте ги белките од жолчките. Ставете го млекото во една шерпа со дебело дно и вклучете ја ринглата на средна јачина.

Додека млекото се загрева, многу цврсто изматете ги белките. Прво користете најмала брзина, па потоа на побрзо за да не спласне веднаш снегот.

Намалете го огнот на најслабо па во зовриеното млеко со лажица ставајте кнедли од снегот од белки. Кога ќе почнат да растат, свртете ги да се сварат и од другата страна. Ако ви бегаат и тешко ви се вртат како на мене, тогаш полевајте ги одозгора со врелото млеко.

Готовите кнедли со решеткаста лажица вадете ги од шерпата и редете ги во садот во кој ќе ги послужувате.

Млекото тргнете го од оган. Жолчките изматете ги заедно со шеќерот и ванилин шеќерот, додека да побелат и запенат. Додадете две преполни лажици брашно и прво полека промешајте ги со лажица, па потоа и со миксер.

Во добиената смеса додадете 1-2 кутлачи топло млеко, па промешајте со лажица додека да се соедини. Ова се прави за да се загреат постепено жолчките а да не ви се сварат ако одеднаш ги ставите во врелото млеко.

Млекото вратете го на оган, вклучете на тивко и полека долевајте ја смесата со изматените жолчки. Продолжете со мешање додека да ја добиете саканата густина (како пудинг).

Со кремот прелијте ги кнедлите од белки и оставете добро да излади.

Фото и рецепт: Мира Матовина