Плодот на вишната има тркалезен облик со дијаметар од околу 2,5 центиметри. Во внатрешноста на плодот има семка обложена со меснатиот дел кој се јаде. Бојата на вишните може да биде во нијанси од жолта до темно црвена, во зависност од видот.

Вишните според вкус се делат на слатки и кисели, а Бинг и Ламберт се најпознатите сорти на слатка, темно црвена вишна. Наречена е според турскиот град Цеарус каде е откриена. Се споменува уште во 400 г.п.н.е. во стара Грција, а денешен најголем производител е Европа.

Со оглед на висината до која нараснува дрвото (приближно околу 12 метри) со време дошло до вкрстување на видовите за да се добијат стебла кои се прилагодливи за садење во домашни градини. Нивната денешна висина изнесува од 2 до 2,5 метри.

Дрвото на вишната создава прекрасна слика во текот на цветањето со огромни бели цветови од кои се создава плодот, пред крај на мај, а некаде е можно да се пронајде и до крајот на август.

После бербата вишните е потребно да се чуваат во фрижидер за да се сочува нивната свежина. Во фрижидер можат да опстанат до една седмица а доколку ги замрзнете рокот им трае до една година.

Најчесто се консумираат свежи а одлични се за производство на сок, разни преливи за колачи и сладолед, или за торти и колачи.

Богати се со витамин Ц и А, а содржат и многу важни состојки кои помагаат во превенција од канцерогени заболувања.

СОК ОД ВИШНИ

Сокот од вишни е еден од омилените овошни сокови. Најубавиот домашен сок од вишни се добива од свежи вишни, но сокот може да се направи и од смрзнати. За сокот од вишни е карактеристично присуството на драгоцени состојки, како што се антоцијан, кумарин и калиум.

Како да се направи сок од вишни

Има повеќе начини за правење на сок од вишни. Најважно е плодовите да бидат целосно зрели, а бидејќи плодот е кисел му се додава малку вода и шеќер.

Домашен сок од вишни може да се направи во специјален соковник за таа намена. Се состои од голем сад со решетка, кој стои врз друг сад во кој врие вода. На дното има цевка од каде излегува сокот.

Овошјето не може да загори бидејќи буквално се готви на пареа. Потоа сокот се складира во шишиња. Има преубав вкус, меѓутоа, на овој сок му се додава конзерванс за да има подолг рок на траење, а од друга страна, бидејќи е готвен, се губат и дел од неговите квалитетни состојки.

Од состојки ви се потребни:

5 кг вишни
1 кг шеќер
1 мала лажичка лимонтос
Малку конзерванс, на врв од лажичката.

Втор начин за приготвување на сок од вишни без готвење, е едноставно да ги изгмечите вишните во поголем сад, па да додадете 1/5 вода и да оставите да отстои неколку часови.

Потоа процедете ја содржината низ газа или цедалка, па додадете шеќер според вкус. Измешајте добро за да се растопи шеќерот.

Најдобар и најздрав сок се прави во новите модерни блендери, само внимавајте добро да ги извадите сите семки. Можете, исто така, да го комбинирате и со друго овошје, па да направите супер-освежителни пијалаци.

Зошто е добар сокот од вишни?

Сокот од вишни е фантастичен и по вкус и по мирис, а покрај тоа делува и како енергетски пијалак.

Можеби не знаевте дека поседува исклучителни лековити својства: вишната содржи антоцијани, растителни пигменти кои на плодовите им ја даваат препознатливата темноцрвена боја.

Антоцијаните делуваат како антиоксиданси и го штитат организмот од малигнитети.

Вишните исто така помагаат за намалување на „лошиот“ холестерол и за одржување на здрав срцев мускул. На тој начин штитат од срцев и мозочен удар.

Добри се исто така и против тромбоза бидејќи содржат кумарин, состојка која ја намалува склоноста кон згрутчување на крвта.

Содржат и доста калиум кој влијае врз намалувањето на крвниот притисок.

Вишните се добри за видот, за крвните садови, за лекување на анемија, против гихт, реума и воспалителни процеси во организмот.

Се одликува со висока содржина на витамин Ц, бета каротен, Б1 и Б2, а од минералите се најзастапени калиум, калциум, фосфор, железо и кобалт.