Го обожувам гравот, но ми прави страшни непријатности – ми создава гасови и ми го дуе стомакот, понекогаш и два-три дена.

Што сè не направив: додавав сода бикарбона во варењето, ким, нане, оцет додека го јадев и секојпат со страв дека ќе ми направи проблем.

За среќа една пријателка ми откри еден трик и оттогаш немам мака со гравот.

Потребни состојки:

450 г грав
10 шолји вода

Постапка:

Гравот исчистете го, налејте го со вода и ставете да се готви околу 3-4 минути.

Тргнете го од рингла и оставете да отстои во текот на ноќта и до приготвувањето без промена на водата во која се готвеше.

Бидејќи сега е зима можете едноставно да го оставите надвор на тераса, а летно време чувајте го во фрижидер.

Следниот ден процедете го, измијте го со ладна вода и налејте нова вода. Оставете го да проврие уште еднаш колку еден клуч, па и таа вода процедете ја и натаму приготвувајте го по ваш избор.

На овој начин од гравот во водата каде киснел излегуваат до 80% несварливи шеќери, кои предизвикуваат отежнато варење и подуеност.

Оттогаш па до денес не знам ни сама колку пати го приготвувавме гравот на разно-разни начини, од полнети пиперки со грав, чорбест грав, тавче гравче… и ниеднаш досега немав проблем со гасови и со тоа непријатно чувство на подуен стомак.