Овие тулумби се специјалитет на мојата тетка и можам да ви кажам дека не само што добро изгледаат туку и многу се вкусни. Превкусни!

Потребни состојки:

500 г брашно
400 мл вода
150 мл масло
5 јајца
1 лажица шеќер
1 мала лажичка сол
Масло за пржење

За сируп:

1 литар вода
600 г шеќер
½ лимон

Постапка:

Ставете ги водата, маслото, шеќерот и солта на оган да зовријат.

Кога ќе зовриејат исклучете го шпоретот па додадете брашно и мешајте за да добиете густа смеса. Оставете да излади. Кога тестото добро ќе излади додавајте едно по едно јајце и месете добро за секое јајце поединечно убаво да се впие во смесата и да се изедначи. Не смее да има траги до јајце. Колку подолго се меси толку смесата е подобра.

Кога е готова смесата ставете ја во калап за тулумби и правете облици по желба, поголеми или помали, сечете ги и спуштајте ги во не многу врело масло. Температурата на пржењето треба да биде умерена, никако премногу врела.

Најдобро тулумбите се пржат во две тенџериња или повеќе, за да има време маслото од едниот сад да излади додека претходната тура се пржи, и така наизменично да се менуваат.

Се пржат неколку минути колку да добијат убава жолтеникова-златеста боја. Внимавајте да не ви изгорат.

Направете шербет така што ќе ставите ги ставите водата, шеќерот и лимонот да се варат, се додека шеќерот да се растопи и свари. Шербетот е готов кога полека лизга од лажицата. Оставете го шербетот да излади убаво. Врелите тулумби, директно од пржење кога се готови веднаш ставајте ги во ладниот шербет.

Оставете ги неколку минути, па потоа ставајте ги во одговарачки сад.

Тулумбите треба да бидат тврди од надворешна страна, а малку повеќе шупливи во внатрешноста.

Во овој рецепт не се става прашок за печиво.