Фото и рецепт: Павлоска

За сите оние кои ги сакаат ваквите слатки, со шербет и вкус на тулумби, баклава…

Потребни состојки:

150 мл јогурт
130 мл масло
1 јајце
2 ванилин шеќер
1 прашок за печиво
400 г брашно +-

за шербет:

3 чаши вода (чаша од 200 мл)
2 чаши шеќер
ванилин ектракт, кора од лимон

Постапка:

Прво сварете го шербетот: Ставете водата и шеќерот да се варат 10 минути, па додадете малку ванилин екстракт по вкус и малку кора од лимон (или неколку тркалца). Оставете на страна да излади.

Од сите состојки замесете тесто, а брашно ставете толку колку што е потребно да се добие меко мазно тесто.

Тестото поделете го на два дела, а секој дел развлечете го во правоаголна кора колку можете потенко (на ова мора да внимавате). Исечете ја кората на ленти широки приближно 1 см.

Секоја лента виткајте на вилјушка, така да добиете ружа. Должната на лентите нека биде приближно 25 см, за да може добро да се ипржат и од внатрешна страна, да не останат сирови.

Внимателно, во врело масло пржете ги ружите, така што со прстите ќе го истиснете колачот од виљушката во маслото. Еднаш превртете ги за да се испржат убаво од двете страни.

Врелите ружички веднаш ставајте ги во ладниот шербет. Потоа чувајте ги во фрижидер, најдобри се кога се ладни, а кога ги послужувате можете да ги преливате со чоколадо, цимет… вадете секогаш од подолните кои убаво впиле шербет.

Овој рецепт е за пржени ружи, испробан е во рерна и не го дава истиот ефект. За ружички печени во рерна има друг рецепт.