Запечени пиперки во павлака, многу вкусно јадење

Во последно време не сум јадела ништо што вака ме воодушевило. Многу ги сакам пиперките приготвени на било кој начин и секогаш трагам по некој нов рецепт.

Ова е комбинација од лук но без оцет и полнети похувани пиперки но без похување. Освежува, разблажува, а истовреме има богат вкус. За некој ова јадење можеби ќе биде салата, за некој прилог со месо, за некој можеби главно јадење.

Потребни состојки:

1 кг меснати бабури (може било какви)
1 лажица сол или по вкус
½ лажичка црн пипер или по вкус
100 мл масло
180 г (една мала чашка) кисела павлака
180 мл јогурт (исто мала чашка, а доколку користите поголемо пакување, сите мерки треба да бидат со чаша од 200 мл)
100 мл вода
1 лажица брашно
лук по вкус, може свеж или во прав

Постапка:

Вклучете ја рерната на 200 степени. Пиперките исчистете ги од дршките и пресечете ги на на половина, па на четвртинки или третинки, во зависност од големината на пиперките.

Тепсијата намастете ја и наредете ги пиперките, прво еден ред па полеваме со малку масло, сечкано лукче, посолуваме и запиперуваме, а потоа го редиме и вториот ред пиперки и повторно наросуваме малку масло.

Се става на печење во рерна околу еден час или во зависност од пиперката (ако е помесната потребно е околу еден час затоа што ќе испушти течност и потребно е време за да се запече, а за другите пиперки времето е пократко). Пиперката треба малку да е запечена, кога ќе ја боцнете со виљушка да биде мека, но не смее да се распаѓа.

Потоа изматете ја киселата павлака, јогуртот и брашното, додадете вода и повторно изматете. На крај додадете сол и црн пипер, може и магдонос, малку лукче, па прелијте рамномерно преку пиперките.

Пиперките во тепсијата треба да бидат густо наредени, па дури и едно парче врз друго, за кога ќе се прелие целата да биде во овој “сок”.

Вратете во рерна уште 30 минути или додека вие процените дека е доволно.

Loading...