Жербо колачи: Секогаш правам двојна доза за слава – први се изедуваат! Се топат во уста!

Фото и рецепт: Лилјана Андоновска

Нашата драга и почитувана пријателка Лилјана Андоновска ни го испрати рецептот за овие преубави колачиња кои се познати како Жербо коцки или Жербо шнитови. Обично се полеваат со чоколадна глазура или се наросуваат со шеќер во прав, но овие жебро колачиња завршуваат со прекрасен снег од белки и ореви. Лесни за приготвување, а што е најважно, многу се вкусни!

Секогаш правам двојна доза во плехот од рерна!

Потребни состојки:

500 г брашно
½ свеж квасец
150 мл млако млеко
1 лажичка шеќер
125 г маргарин/путер
125 г маст
3 жолчки

За фил:

200 г мелени ореви
250 г шеќер
џем од кајсии

За премачкување:

3 белки
6 лажици шеќер
за наросување одозгора: сечкани ореви

Постапка:

Квасецот се активира во млакото млеко со малку шеќер и брашно. Маргаринот и маста се матат пенасто за да се соединат, па се додаваат една по една жолчките додека да се соединат и на крај се замесува со брашното и активираниот квасец.

Добиеното тесто се дели на четири еднакви делови-топчиња. Топчињата за најдобро развлекување обликувајте ги во ваљаци, обвиткајте ги во проѕирна фолија и оставете ги половина час во фрижидер за да се стегнат. Од секој ваљак се развлекува кора во величина на плехот.

За фил: Се мешаат мелените ореви со шеќерот.

Плехот (за двојна доза се користи најголемиот од рерна) се намастува со масло па се става првата кора. Се премачкува со џемот, па се наросува со мешавината од ореви и шеќер.

Постапката се повторува трипати, за секоја кора. На последната кора не се става ништо.

Вака наредената пита се остава да стасува околу половина час. Потоа се става да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути.

Се вади од рерна и се премачкува со изматен снег од 3 белки со 6 лажици шеќер (се мати додека шеќерот да се растопи). Одозгора се наросува со сечкани ореви и се враќа во рерна да се допече уште 5 минути со вклучена рерна и уште 10 минути со исклучена (за да се истишти). Се сече топло на штангли.

НАПОМЕНА: Белките и шеќерот се матат убаво, да се добие цврста маса. За полесно развлекување на корите јас ги сукам на хартија за печење, многу полесно се обработува и се става во плехот бидејќи корите се многу тенки.

Loading...